По повод одбележувањето на 17-ти мај - Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата, ви најавуваме

Филмска проекција на „Марио“

17 мај 2019

20:00 часот (119 минути)

Кино Милениум

Билетите се бесплатни

Во рамките на меѓународната иницијатива „Фудбалот против хомофобијата“, Здружението за културен и медиумски активизам КВИР СКВЕР од Скопје и Германската Амбасада во Скопје организираат премиерна проекција пред македонската публика на швајцарскиот филм од германско говорно подрачје „Марио“, кој става акцент на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат геј-мажите во фудбалот и во општеството.

Како до билети?

НАПОМЕНА: Билетите се достапни на принципот „прв дојден, прв услужен“.

Бесплатните билети можете да ги подигнете на билетарницата на кино МИЛЕНИУМ, почнувајќи од 3 мај 2019. Капацитетот на киносалата е 510 седишта. Со оглед на тоа дека станува збор за еднократна филмска проекција, ве молиме подигнете ги билетите навреме.

Заради фер распределба на билетите и шанса да се погледне филмот, секој има право да подигне максимум два билети.

Градското кино МИЛЕНИУМ е лоцирано на првиот кат во Градскиот трговски центар во Скопје. Работното време на билетарницата е секој работен ден од 14:00 до 22:00 часот и викенди од 10:30 до 22:30 часот. Телефон за контакт: +389 2 3120 389.

За филмот

Филмот „Марио“ во режија на Марсел Гислер е романтична драма за двајца млади фудбалери фатени меѓу политиката на играта и политиката на љубовта и нивните растечки чувства еден за друг, во светот на фудбалот каде имиџот на перспективните играчи е сѐ.

За прв пат во неговиот живот, Марио се заљубува до уши. И тоа во Леон, новиот фудбалер од Германија. Леон исто така е напаѓач и прашањето е: кој од нив двајца ќе влезе во првиот тим на клубот? Но Марио не сака да размислува за тоа. Тој само сака да ужива со Леон и да биде блиску до него. Нивната љубов не поминува незабележано во клубот и се појавуваат првите гласини. Марио сфаќа дека неговата кариера како професионален фудбалер е во опасност, но не сака да го изгуби Леон за ништо на светот. Па така, мора да донесе одлука.

Дали знаевте?

Акронимот ЛГБТ+ се однесува на лезбијки, геј-мажи, бисексуални и трансродови луѓе.

„Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Тие се обдарени со разум и совест и треба да се однесуваат еден кон друг во духот на општо човечката припадност“, се вели во членот 1 од Универзалната декларација за човековите права.

Според член 5 од новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација изгласан во парламентот во 2019 година, а во кој се дефинираат дискриминаторските основи, „се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа“. За физичките и правните лица кои ќе сторат прекршок се предвидени парични казни кои можат да достигнат и до 5000 евра во денарска противвредност.

Говорот на омраза и делата од омраза против физичко лице мотивирани од реалната или претпоставената сексуална ориентација или родов идентитет на лицето се сметаат за кривично дело согласно Кривичниот законик и, соодветно, се казнуваат со затвор.

Покровител на настанот е МНР на Сојузна Република Германија преку Германската Амбасада во Скопје. 
Настанот се организира во рамките на меѓународната иницијатива „Фудбалот против хомофобијата“.