Премини до содржината Премини до подножјето

Во услови на високо хомофобично и трансфобично општество и исклучителна хомофобија и трансфобија внатре во Собранието, Интерпартиската парламентарна група се основаше со цел да биде гласот на ЛГБТИ заедницата, а не само параван за декларативна политичка волја за вистински промени и градење на демократско и напредно општество.

Реакција на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија по повлекувањето на Законот за матична евиденција

Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ) е сериозно загрижена за недостатокот од поддршка и вистинска заложба на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на ЛГБТИ правата (ИППГ ЛГБТИ) во процесот на усвојување на Предлог законот за измена и дополнување на Законот за матична евиденција, кој беше повлечен на седница на Комисијата за политички систем. Освен јавната поддршка, посветеност и заложби на пратеничките од помалите партии, забележлив е молкот од сите други пратеници, кои се членови на оваа група, за сите прашања поврзани со правата на ЛГБТИ луѓето. Пратениците од Интерпартиската парламентарна група беа активно вклучени во подготовките на измените за овој закон, како и во процесот на влегување на овој закон во собраниска процедура. Истовремено со пратениците од Интер-групата, НМХТ преку различни активности работеше на обезбедување на сите потребни податоци и информации за правното признавање на родот, беа дискутирани и одговорени сите прашања и правни дилеми кои произлегоа од текстот на предметниот закон и беа претставени сите аргументи за реалната потреба од донесување на овие измени. Наспроти ова, на денот на седницата на комисијата за политички систем на која предлог законот требаше да биде усвоен, законот остана без никаква поддршка од пратениците од Интер-групата кои се дел од оваа комисија (дури четворица од вкупно четиринаесет пратеници). Дополнително, оваа група не даде никаква поддршка на трансродовите луѓе и законот за матична евиденција во деновите кои претходеа на неговото повлекување, а кои беа проследени со негативна кампања насочена кон трансродовите луѓе од поединци, меѓу кои и пратеници од актуелниот пратенички состав, иако ги имаше сите аргументи кои би го поддржале неговото усвојување и би ги отстраниле сите правни дилеми. 

Националната мрежа, покрај работата со ИППГ ЛГБТИ, паралелно се обидуваше да ги вклучи и сите останати пратеници од парламентарниот состав со цел да ги добијат сите релевантни научни сознанија, материјали и информации од трансродовите искуства, како и да се дискутираат сите нивни прашања и дилеми. Пратениците беа канети на затворени и отворени средби, но на поканите немаше никаков одзив. Имено, на средбата одржана на 17 ноември 2021 година, во организација на Советот на Европа, а посветен на потребата од итно усвојување на предлог-законот за матична евиденција, присуствуваа само 5 од вкупно 120 пратеници кои не ни беа присутни во салата за целото времетраење на средбата. На работната средба одржана во парламентот на 3 февруари годинава, беше ставен акцент на унапредување на законската рамка, односно усвојувањето на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за матична евиденција, кој беше во собраниска процедура и беше укажано дека во текот на февруари ќе биде ставен на дневен ред на Комисијата за политички систем, по што во процесот меѓу двете читања ќе се одржи и јавна расправа заради сензибилизирање на јавноста за оваа тема.  И тогаш, како и во сите наврати изминативе години, НМХТ изрази целосна подготвеност да учествува и придонесе во процесот на сензибилизирање на јавноста, како и да биде вклучена во евентуалните амандмански интервенции на текстот. Самите пратеници, кои, меѓу другото, се припадници на политички партии и од опозицијата и од позицијата – потенцираа дека носењето на ова законско решение ќе придонесе за подостоинствен живот на трансродовите луѓе и ќе ги заштити од дискриминирачки однос на институциите кон нив.

Собранието како законодавен орган е надлежен да донесува нови и изменува и дополнува постојни закони, па поддршката од мнозинство пратеници е неопходна за подобрување на законската рамка за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Пратениците во Собранието, согласно Законот и Деловникот, имаат широко поставени можности за дејствување во насока на унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, а административно-техничката поставеност на законодавниот орган дава фактички можности за операционализација на законските и деловничките одредби. Освен законодавната надлежност, пратениците имаат и други механизми како да влијаат кон унапредување на ЛГБТИ правата, како што се пратеничките прашања, надзорните расправи, работата на собраниските комисии, основање на анкетни комисии за прашања од јавен интерес, основање на работни групи, вклучување на експерти во работата, спроведување на истражувања и анализи, но и можности за вклучување на граѓански организации и граѓани во работата на Собранието. Наспроти ова, пратениците во овој мандат немаат искористено ниту еден од овие механизми за да влијаат во унапредувањето на правата на ЛГБТИ луѓето.

НМХТ потенцира дека декларативните залагања мора да се претворат во вистински политички одлуки и дела преку усвојување на закони за заштита на човековите права и квалитетен живот на сите граѓани, а не закони кои ги извисуваат маргинализираните заедници и ги задоволуваат идеолошите матрици на конзервативните политички партии.

МРЕЖИ И ПАРТНЕРИ

 
ILGA World – The International Lesbian, Gay, Bisexual, Trans and Intersex Association
ILGA-Europe
LGBTI Equal Rights Association for Western Balkans and Turkey
Национална мрежа против хомофобија и трансфобија
Skopje Pride
Microsoft
Powered by Project Galileo
WPML
Canva
The Events Calendar
 

Организација-членка на Меѓународната асоцијација на лезбијки, геј мажи, бисексуални, трансродови и интерсексуални лица, Асоцијацијата за еднакви права за ЛГБТИ луѓето во Западен Балкан и Турција и Националната мрежа против хомофобија и трансфобија

КВИР СКВЕР Скопје © 2024. Сите права се задржани.
Твојата поддршка ни значи!
Направи парична донација
Донирај