Премини до содржината Премини до подножјето
Се вчитува Настани

« Сите настани

  • Овој настан е завршен.

Skopje Pride 2022

25 јуни @ 17:00 26 јуни @ 01:00

Под мотото „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда.“, во сабота на 25 јуни 2022 година ќе се одржи третиот Скопје Прајд. За разлика од претходните изданија на Прајдот, годинава времето на одржување се поместува во попладневните часови. Стартната точка, како и досега, ќе биде во паркот „Жена-борец“, каде во 17 часот ќе започне собирањето на учесниците, а во 19 часот по кратките поздравни говори ќе започне протестниот марш по скопските улици и ќе заврши со културно-забавна програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.

Зошто повикуваме да се излезе за љубов? Затоа што во време на криза, војна и сиромаштија, лесно се заборава на љубовта, а омразата уште полесно ги окупира мислите и срцата на луѓето. Затоа што само со љубов можеме да се спротивставиме на насилството на кое различните се подложени и тогаш кога за сите други владее мирот. Затоа што никој не смее да биде лишен од правото да љуби или, пак, да биде прогонуван поради тоа што нивната љубов не е признаена со норми и закони. Затоа што љубовта мора да победи.

Зошто бараме достоинство, еднаквост и правда? Во нашата држава и натаму се гази по достоинството на ЛГБТ+ луѓето – постојано се мета на омаловажување, дехуманизирање и говор на омраза во јавниот и политичкиот дискурс. Имаат отежнат пристап до остварувањето на човековите права, нивните гласови и потреби често се занемарени во креирањето на политиките, а конзервативно скроената национална легислатива ги доведува во нееднаква подредена позиција наспроти нивните хетеросексуални цисродови сограѓани. Предметите за документираните злосторства од омраза кон нив се заглавени во умствените и правните лавиринти на обвинителството, а трендот на неказнивост на сторителите на насилство го нормализира и охрабрува таквото однесување. Правото на живот, слобода и сигурност, останува само копнеж и надеж на многумина од ЛГБТ+ заедницата што не се вклопуваат во рамките на хетеронормативноста и бинарната логика на родовиот систем. Некои од нив сѐ уште се борат да бидат признаени како личност пред законот.

Правдата ќе биде задоволена тогаш кога еднаквоста ќе стане реалност, а човековото достоинство – нормативен концепт.

Зошто Паради на гордоста? Многу нешта, во многу земји, се променија од првиот Прајд одржан 1970 година во Њујорк. Но, напредокот на полето на правата на ЛГБТ+ луѓето не е изедначен, ниту пак е доволен, а постојано е соочен со напади од сили кои се противат на универзалните човекови права. Токму затоа, Прајдот останува важна форма на протест на ЛГБТ+ заедницата против стигмата, предрасудите и насилството. Прајдот е крик во име на милионите луѓе соочени со социјално исклучување, нарушена телесна автономија и ограничен пристап до услуги кои се достапни за сите останати. Скопје Прајд, како и другите паради на гордоста, е празник на љубовта, ден на видливоста на маргинализираните и, секако, повод за славење на жилавоста на нашата борба за еднаквост.

Програма. Парадите на гордоста во светот важат за проверен и докажан рецепт за добри забави и дружби за паметење. Скопје Прајд 2022 ќе понуди богата културно-забавна програма, со музички настапи во живо, настапи на дрег кралици од земјата и регионот и DJ-сетови. И годинава, традиционално, програмата ќе ја отвори македонската претставничка на Евровизија, Андреа, а ќе настапи и нашата поп-дива и оперска пејачка Наде Талевска – Спасовска. На Скопје Прајд ги славиме сексуалниот и родовиот диверзитет и ја промовираме квир културата. Па така, и овој Прајд сигурно ќе биде уникатно искуство, за што, меѓу другите, ќе се погрижат фантастичното трио дрег кралици од соседна Србија, Alex Elektra, Dita Von Bill и Lana Vee, од преку океанот, од Њујорк ни доаѓа уште една дива, Ronda Vu, додека од нашата земја ги имаме нејзиното дрег височество Divon Jane, и другарката Linda Socialista која е решена да го уништи патријархатот со нежно треперење на нејзините лажни трепки. Исто така, ќе има и DJ-сетови на DJ Андреј Мицајков, DJ Јана Тодоровска, DJ Мартина Пенева, DJ Марко Рикалоски и DJ Џинџер.

Skopje Pride

22

СКОПЈЕ
25 ЈУНИ

Излези за љубов!

#SkopjePride

Достоинство. Еднаквост. Правда.
Парк „Жена-борец“, 17:00

МРЕЖИ И ПАРТНЕРИ

 
ILGA World – The International Lesbian, Gay, Bisexual, Trans and Intersex Association
Fare Network
LGBTI Equal Rights Association for Western Balkans and Turkey
Национална мрежа против хомофобија и трансфобија
Skopje Pride
Microsoft
Powered by Project Galileo
WPML
Canva
The Events Calendar
 

Организација-членка на Меѓународната асоцијација на лезбијки, геј мажи, бисексуални, трансродови и интерсексуални лица (ИЛГА), Мрежата ФАРЕ, Асоцијацијата за еднакви права за ЛГБТИ луѓето во Западен Балкан и Турција и Националната мрежа против хомофобија и трансфобија

КВИР СКВЕР Скопје © 2022. Сите права се задржани.

Твојата поддршка ни значи!

Направи парична донација
Донирај