Премини до содржината Премини до подножјето

Група актери заеднички излезе од плакарот откривајќи дека биле предупредени да ги чуваат во тајност нивните идентитети за да напредуваат во кариерата.

185 актери во Германија направија „каминг аут“ како геј мажи, лезбијки, бисексуални, квир, небинарни или трансродови лица во статија објавена во магазинот Süddeutsche Zeitung во петокот, 5 февруари 2021 г., пренесува PinkNews. Тие објавија заеднички манифест во кој повикуваат на повеќе ЛГБТ+ ликови на екраните, а исто така бараат промена на ставовите кон ЛГБТ+ актерите во индустријата.

„Досега не бевме во можност да зборуваме отворено за нашите приватни животи без да стравуваме од професионални последици“, велат актерите во манифестот. „Многу често, многумина од нас беа предупредувани – од менаџерите, кастинг агентите, колегите, продуцентите, режисерите итн. – да молчиме за нашите сексуални ориентации и родови идентитети за да не ги загрозиме кариерите“.

Решиле да се здружат за да стават крај на таквите дискриминаторни ставови.

На германските актери им било кажано дека ќе изгубат улоги ако направат „каминг аут“ како ЛГБТ+

„Ни беше кажано дека ако откриеме одредени аспекти од нашите идентитети, имено нашите сексуални и родови идентитети, одеднаш ќе ја изгубиме способноста да портретираме одредени ликови и врски. Небаре сознанието кои сме во нашите приватни животи некако ќе ја поништи нашата способност убедливо да ги отелотворуваме улогите за публиката“, додаваат тие во манифестот.

Понатаму, групата актери го поздравува и слави фактот што германското општество е сѐ поразновидно, но велат оти тоа е „сѐ уште малку рефлектерирано во нашите културни наративи. Нашето општество е одамна подготвено. Публиката е подготвена. Нашата индустрија треба да се залага за заедништво и да го отсликува општеството во сиот негов диверзитет“. Тие здружено ќе се борат за поголема видливост и диверзитет во германскиот културен пејсаж, телевизија, филм и театар.

Шест од групата актери разговарале одделно со Süddeutsche Zeitung за нивните искуства навигирајќи низ световите на филмот, телевизијата и театарот додека истовремено се труделе да ги држат во тајност нивните квир идентитети.

„Реалноста на екраните треба да биде разновидна како што е во реалниот живот“, вели Ева Мекбах, позната германска актерка која играше во култната серија „Tatort“ (Местото на злосторството). „Општеството е пошироко и поразновидно отколку што си мислат носителите на одлуки“. Карин Ханчевски, која исто така има играно во „Tatort“, вели: „Кога зборувавме за тоа како група, одеднаш ни стана јасно дека ова е начинот на кој можеме да промениме нешто – како група, како голема група“.

Заедно, актерите ја лансирале кампањата „#ActOut“, која ги охрабрува другите во индустријата да истапат за да побараат промена и еднакви можности за ЛГБТ+ актерите. Заследете ја нивната иницијатива на социјалната мрежа Instagram.

Во прилог ви го пренесуваме интегрално текстот на манифестот на македонски.

Манифест #actout

Овде сме и нѐ има многу!

Ние сме актер(к)и кои, меѓу другото, се идентификуваат како лезбијки, геј мажи, бисексуални, транс, квир, интерсексуални и небинарни лица.

Досега не бевме во можност да зборуваме отворено за нашите приватни животи без да стравуваме од професионални последици. Многу често, многумина од нас беа предупредувани – од менаџер(к)ите, кастинг агентите, колегите и колешките, продуцент(к)ите, уредниците и уредничките, режисер(к)ите, итн. – да молчиме за нашите сексуални ориентации и родови идентитети за да избегнеме загрозување на нашите кариери.

Ставаме крај на тоа – еднаш и засекогаш!

Решивме да излеземе здружено со заедничка изјава за да го привлечеме вниманието на пошироката јавност.

Некои од нас се актер(к)и што во минатото храбро презедоа ризик да направат „каминг аут“ (обзнанување на сексуалната ориентација или родовиот идентитет) самостојно; некои од нас сега решија да го сторат тоа. Меѓу нас има нови имиња и такви кои се веќе познати. Такви кои растевме во време кога хомосексуалноста сѐ уште беше илегална, а и такви кои се помлади од Елиот Пејџ. Доаѓаме и од села и од градови; нѐ има во различни бои, луѓе со имигрантски искуства и лица со ограничени можности; не сме хомогена група.

Досега ни беше кажувано дека ако откриеме одредени аспекти од нашите идентитети, имено нашите сексуални и родови идентитети, одеднаш ќе ја изгубиме способноста да претставуваме одредени ликови и врски. Небаре сознанието кои сме во нашите приватни животи некако ќе ја поништи нашата способност убедливо да ги отелотворуваме улогите за публиката.

Но тоа е далеку од вистината.

Ние сме актер(к)и. Не мораме да бидеме ликовите што ги претставуваме. Ние играме други луѓе – тоа е суштината на нашата работа.

Играме сопруги и татковци, љубовници и политичари, херои и чудаци. Честопати играме ликови со чии идеи никогаш не би се согласиле. Затоа можеме да играме убијци без да имаме убиено некого. Можеме да спасуваме животи без да имаме студирано медицина. Можеме да играме луѓе со сексуални идентитети различни од оние што ги живееме. И, патем, тоа е нешто што го правиме долго време, цело време, всушност, бидејќи тоа е природата на нашата професија.

Дополнително, искуството од последните неколку години покажа дека постојните идеи за филмовите и ТВ сериите се шират и менуваат. Постојат многу повеќе приказни и перспективи од само оние за белата хетеросексуална средна класа. Разноликоста долго време е реалност во современото германско општество. За жал, овој факт сѐ уште едвај се одразува во нашите културни наративи.
Нашето општество е одамна подготвено. Публиката е подготвена.
Нашата индустрија треба да се залага за заедништво и да го отсликува општеството во сета негова разноликост.

Преземаме одговорност за слободен и отворен соживот и соработка. Застануваме во солидарност со сите оние што се соочуваат со стереотипизација и маргинализација преку ејблизам, ејџизам, антисемитизам, класизам, расизам и други форми на дискриминација. Исто така сочувствуваме со оние колеги и колешки што моментално не се подготвени да го преземат овој чекор.

Ова е воедно акт на солидарност што ги надминува границите на нашата сопствена индустрија и апел до сите да нѐ поддржат.

Со нетрпение ги очекуваме сите нови приказни што ќе имаме прилика да ги раскажеме и ликови кои можеме да ги претставиме.

Светот се менува и сите ние имаме улога во него!

МРЕЖИ И ПАРТНЕРИ

 
ILGA World – The International Lesbian, Gay, Bisexual, Trans and Intersex Association
ILGA-Europe
LGBTI Equal Rights Association for Western Balkans and Turkey
Национална мрежа против хомофобија и трансфобија
Skopje Pride
Microsoft
Powered by Project Galileo
WPML
Canva
The Events Calendar
 

Организација-членка на Меѓународната асоцијација на лезбијки, геј мажи, бисексуални, трансродови и интерсексуални лица, Асоцијацијата за еднакви права за ЛГБТИ луѓето во Западен Балкан и Турција и Националната мрежа против хомофобија и трансфобија

КВИР СКВЕР Скопје © 2024. Сите права се задржани.
Твојата поддршка ни значи!
Направи парична донација
Донирај