Премини до содржината Премини до подножјето

ИЛГА-Европа го објави годишниот преглед на ситуацијата со човековите права на ЛГБТИ луѓето во Европа и Централна Азија во кој, како резултат на настаните без преседан кои се случија во 2020 година, се нотира дека припадниците на овие маргинализирани заедници ширум регионот се доведени на работ на егзистенција.

Од извештаите за земјите јасно се согледува дека напредокот што претходно беше земан „здраво за готово“ не само што станува сѐ покревок, но и особено подложен на експлоатација од силите кои работат против човековите права.

„Нашиот годишен преглед покажува дека пандемијата на КОВИД-19 ги извади на површина сите пукнатини во поглед на животната реалност на ЛГБТИ луѓето ширум Европа и Централна Азија. Разгледувајќи ги извештаите за секоја од земјите, гледаме апсолутен пораст на малтретирањето и говорот на омраза кон ЛГБТИ луѓето; многумина од оние што биле изложени на ризик од бездомништво биле приморани да се вратат во непријателски настроените семејства и заедници. ЛГБТИ организациите мораа да ја пренасочат нивната работа кон обезбедување на основните потреби како храна и засолниште бидејќи многу влади ги изоставија ЛГБТИ луѓето од нивните пакети за помош; а и повторно се појавија власти и функционери кои ги користат ЛГБТ луѓето како жртвени јагниња додека авторитарните режими си даваат за право да изолираат и носат закони без соодветна постапка“, вели Евелин Паради, извршна директорка на ИЛГА-Европа.

Општо земено, се бележи потиснување на демократијата и граѓанското општество, и не само во Полска и Унгарија, кои се најдоа на насловните страници во 2020 година. Соработниците на документот од неколку земји изразиле стравување дека нивните влади ќе тргнат по стапките на Полска и Унгарија, додека посегнувањето по слободата на собир продолжува да биде растечки тренд проследен со брутално задушување и напади, и судски процеси против луѓето кои земале учество во Прајд настани во 2019 година. Истовремено, извештајот посочува на значителен пораст на говорот на омраза, и во медиумите и на интернет. Трендот на политичари кои вербално ги напаѓаат ЛГБТИ луѓето значително е пораснат и широко распространет, а многу верски лидери ги обвинија директно ЛГБТИ луѓето за КОВИД-19.

Катрин Хугендубел, директорка за застапување во ИЛГА-Европа вели: „Во овој загрижувачки контекст, во 2020 година беше важно да се види тоа што Европската комисија ја потврди својата посветеност на заштитата и унапредувањето на правата на ЛГБТИ луѓето со носењето на Стратегијата на Европската унија за еднаквост на ЛГБТИК луѓето за периодот 2020-2025, и тоа што претседателката на Европската комисија конечно најде многу јасни зборови за да ги осуди континуираната дискриминација и постојните напади врз ЛГБТИ луѓето. Тоа се чекори во вистинската насока, но тие треба да бидат проследени со слични активности на национално ниво, а стратегијата треба да биде доследно имплементирана“.

Понатаму, се бележи значителен раст на отпорот против правата на трансродовите луѓе ширум Европа, што почнува да има големо и негативно влијание врз правното признавање на родот. Во дури 19 земји има законска регресија и стагнација, а во многу од нив опонентите стануваат сѐ погласни, тврдејќи дека унапредувањето на заштитата од дискриминација и самоопределувањето на трансродовите луѓе ќе ги загрозат женските права или „заштитата на малолетниците“.

Досега во извештаите, известувањето за семејните права генерално се фокусираше на регистрација на истополови партнерства или брачни права и во овој контекст продолжува да се бележи стагнација во неколку земји. Сепак, во 2020 година, Црна Гора стана првата земја од Западен Балкан која воведе граѓанско партнерство; во Србија, пак, владата вети чекори за воведување граѓанско партнерство во 2021 година. Исто така, сѐ повеќе земји се придвижуваат кон регулирање на родителските права и посветуваат повеќе внимание на заштитата на правата на децата.

„Нашата порака до владите и институциите е дека мораме да увидиме колку е кревка ситуацијата за ЛГБТИ луѓето. Од есенцијално значење е да се преземат храбри и решителни мерки на повеќе нивоа, за да се продолжи со унапредување на човековите права на ЛГБТИ луѓето во сета нивна разноликост и за да се оствари во реалноста ветувањето за еднаквост“, заклучува Евелин Паради.

Во поглавјето за Република Северна Македонија, достапно за преземање со клик овде, опфатени се состојбите во следните области: пристап до соодветна храна, говор на омраза, злосторства од омраза, диверзитет и интерсекционалност, образование, еднаквост и недискриминација, слобода на собир, слобода на здружување, слобода на изразување, здравство, домување, правно признавање на родот, полиција и спроведување на законот, јавно мислење и ставови.

Годишниот преглед е публикација на ИЛГА-Европа, која ги документира правните, политичките и социјалните случувања во 54 земји и четири европски институции во текот на претходната календарска година. Претставува уникатен извештај што ги следи клучните позитивни и негативни трендови во врска со рамноправноста и човековите права на ЛГБТИ луѓето во Европа и Централна Азија.

МРЕЖИ И ПАРТНЕРИ

 
ILGA World – The International Lesbian, Gay, Bisexual, Trans and Intersex Association
ILGA-Europe
LGBTI Equal Rights Association for Western Balkans and Turkey
Национална мрежа против хомофобија и трансфобија
Skopje Pride
Microsoft
Powered by Project Galileo
WPML
Canva
The Events Calendar
 

Организација-членка на Меѓународната асоцијација на лезбијки, геј мажи, бисексуални, трансродови и интерсексуални лица, Асоцијацијата за еднакви права за ЛГБТИ луѓето во Западен Балкан и Турција и Националната мрежа против хомофобија и трансфобија

CC BY 4.0 DEED. Website Built and Maintained by Fleka
Твојата поддршка ни значи!
Направи парична донација
Донирај