Премини до содржината Премини до подножјето

Организацискиот одбор на Скопје Прајд на 15 јуни 2021 г. одржа прес-конференција во социјалниот клуб „Комитет“, на која се објавија детали околу одржувањето на втората Парада на гордоста во Скопје на 26 јуни. Пресот го отвори Кочо Андоновски од ЛГБТИ Центарот за поддршка, нагласувајќи дека оваа парада е посветена на сите ЛГБТИ луѓе и поддржувачи, кои ќе дојдат да го изодат овој марш за еднаквост на ЛГБТИ заедницата, но и на сите оние кои нема да можат да дојдат поради различни причини – зашто се плашат за односот со своите најблиски, се плашат за своите работни места или за односот кон нив во училиште или на факултет.

„Изолацијата, која сите заедно ја искусивме минатата година, повеќето ЛГБТИ луѓе ја искусуваат целиот свој живот поради стигмата и предрасудите. И затоа годинава мотото на парадата е ВОН ЅИДОВИТЕ“ – изјави Андоновски.

Уранија Пировска, од Хелсиншкиот комитет за човекови права, посочи дека плановите за одржување на годинешниот Прајд се темелеа на подобрувањето на епидемиолошката состојба во земјата. Информираше дека и оваа година е добиена потврда за посветеноста на МВР да се обезбеди највисоко ниво на сигурност.

„Пред две години, нашата парада беше оценета како најдобра токму поради безбедносниот аспект. Очекувам дека МВР и годинава ќе покаже професионалност и ќе им обезбеди на учесниците да се чувствуваат сигурно,“ рече Пировска.

Таа се осврна и на високото ниво на говор на омраза, кое се појавува при секое одржување на настан поврзан со правата на ЛГБТИ лицата и најави дека на редовните состаноци со МВР во пресрет на Прајдот, ќе се пријавуваат и овие случаи.

На пресот учествуваше и Тони Ангеловски, помошник на министерот за внатрешни работи за односи со јавноста, кој од име на министерството изјави дека ќе бидат преземени сите непходни мерки за настанот да помине безбедно и во најдобар ред.

Детали за настанот сподели Елена Петровска, од Коалиција Маргини. И годинава Прајдот ќе започне со собирање на учесниците во паркот „Жена Борец“ од 10 до 12 часот, а движењето ќе биде по истата рута и ќе заврши на Школка во Градски парк.

„На Школка ќе се случува забавата, бидејќи Прајдот е протест, но и прослава на која ги реафирмираме надежите за посолидарно, похумано и поправедно општество“ – рече Петровска која во име на НМХТ како организатор на Скопје Прајд, им се заблагодари на над 30 волонтери што се вклучени во реализацијата на манифестацијата, за нивната посветеност, поддршка и активизам.

И овојпат, Прајдот ќе го отвори македонскиот претставник на Евровизија, Васил Гарванлиев, а потоа ќе следат кратки говори од активисти и неколкучасовна музичка програма. Сите детали околу превентивните мерки и безбедноста ќе бидат тековно споделувани со јавноста на сите комуникациски канали на Скопје Прајд.

МРЕЖИ И ПАРТНЕРИ

 
ILGA World – The International Lesbian, Gay, Bisexual, Trans and Intersex Association
ILGA-Europe
LGBTI Equal Rights Association for Western Balkans and Turkey
Национална мрежа против хомофобија и трансфобија
Skopje Pride
Microsoft
Powered by Project Galileo
WPML
Canva
The Events Calendar
 

Организација-членка на Меѓународната асоцијација на лезбијки, геј мажи, бисексуални, трансродови и интерсексуални лица, Асоцијацијата за еднакви права за ЛГБТИ луѓето во Западен Балкан и Турција и Националната мрежа против хомофобија и трансфобија

КВИР СКВЕР Скопје © 2024. Сите права се задржани.
Твојата поддршка ни значи!
Направи парична донација
Донирај