
- Овој настан е завршен.
Марио
17 мај 2019 @ 20:00 – 22:00

По повод одбележувањето на 17-ти мај – Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата, ви најавуваме филмска проекција на „Марио“.
Во рамките на меѓународната иницијатива „Фудбалот против хомофобијата“, Здружението за културен и медиумски активизам КВИР СКВЕР од Скопје и Германската Амбасада во Скопје организираат премиерна проекција пред македонската публика на швајцарскиот филм од германско говорно подрачје „Марио“, кој става акцент на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат геј-мажите во фудбалот и во општеството.
За филмот
Филмот „Марио“ во режија на Марсел Гислер е романтична драма за двајца млади фудбалери фатени меѓу политиката на играта и политиката на љубовта и нивните растечки чувства еден за друг, во светот на фудбалот каде имиџот на перспективните играчи е сѐ.
Синопсис
За прв пат во неговиот живот, Марио се заљубува до уши. И тоа во Леон, новиот фудбалер од Германија. Леон исто така е напаѓач и прашањето е: кој од нив двајца ќе влезе во првиот тим на клубот? Но Марио не сака да размислува за тоа. Тој само сака да ужива со Леон и да биде блиску до него. Нивната љубов не поминува незабележано во клубот и се појавуваат првите гласини. Марио сфаќа дека неговата кариера како професионален фудбалер е во опасност, но не сака да го изгуби Леон за ништо на светот. Па така, мора да донесе одлука.
Како до билети?
Бесплатните билети можете да ги подигнете на билетарницата на градско кино МИЛЕНИУМ во Скопје. Капацитетот на киносалата е 510 седишта. Со оглед на тоа дека станува збор за еднократна филмска проекција, ве молиме подигнете ги билетите навреме. Билетите се достапни на принципот „прв дојден, прв услужен“. Заради фер распределба на билетите и шанса да се погледне филмот, подигнете само онолку билети колку што реално ви се потребни.