Премини до содржината Премини до подножјето

Европската комисија денес ја претстави првата стратегија на ЕУ за рамноправност на лезбијките, геј-мажите, бисексуалните, трансродовите, небинарните, интерсексуалните и квир луѓето (ЛГБТ+), како што најави претседателката Урсула фон дер Лајен во својот говор за состојбата на Унијата 2020.

Иако во последните години во ЕУ е постигнат напредок во однос на рамноправноста на ЛГБТ+ луѓето, дискриминацијата на ЛГБТ+ луѓето и натаму е присутна, а 43% од нив се чувствуваат дискриминирано. Кризата предизвикана од пандемијата на болеста КОВИД-19 само ја влоши ситуацијата. Со оваа нова стратегија се настојува да се отстрани нееднаквоста и да се решат проблемите со кои се соочуваат ЛГБТ+ луѓето и се утврдуваат низа насочени мерки за следните пет години, вклучувајќи правни мерки и финансирање. Во стратегијата се предлага меѓу злосторствата во ЕУ да се вброи злосторството од омраза, со кое се опфатени хомофобичните говор на омраза и злосторство од омраза и, меѓу останатото, да се донесе законодавство за заемно признавање на родителството во прекугранични ситуации. Исто така, се осигурува прашањата на ЛГБТ+ луѓето да се земат предвид при обликувањето на политиките на ЕУ така што ЛГБТ+ луѓето, во сета своја разноликост, би биле безбедни и би имале еднакви можности за напредок и целосно учество во општеството.

Потпретседателката за вредности и транспарентност Вера Јурова изјави: „Секој би требало да се чувствува слободен да биде она што е, без страв од прогон. Токму тоа е во битта на Европа и она за што се залагаме. Со помош на оваа прва стратегија на ниво на ЕУ ќе ги интензивираме нашите заеднички напори за обезбедување еднаков третман на сите“.

Комесарката за рамноправност Хелена Дали изјави: „ЕУ денес се смета за пример кој треба да се следи во борбата за диверзитет и инклузија. Еднаквоста и недискриминацијата се темелни вредности и фундаментални права во Европската унија. Сите граѓани на Европската унија би требало да се чувствуваат безбедно и слободно, без страв од дискриминација или насилство врз основа на сексуалната ориентација, родовиот идентитет, родовото изразување или половите карактеристики. Сѐ уште сме далеку од целосна вклученост и прифаќање кои ги заслужуваат ЛГБТ+ луѓето. Верувам дека заедно со државите-членки можеме да ја направиме Европа подобро и побезбедно место за сите. Затоа во рамките на стратегијата државите-членки кои немаат национални стратегии за рамноправност на ЛГБТ+ луѓето се повикуваат да донесат стратегии со кои ќе се настојува да се исполнат посебните потреби во однос на рамноправноста на ЛГБТ+ луѓето во својата земја“.

Мерки за постигнување рамноправност на ЛГБТ+ луѓето во периодот 2020-2025

Со стратегијата се утврдуваат низа насочени мерки кои се темелат на четири главни теми и кои се насочени кон: борба против дискриминацијата; гарантирање на безбедноста; градење на инклузивни општества и предводење на повикот за рамноправност на ЛГБТ+ луѓето ширум светот. Некои од клучните мерки во стратегијата се:

  • Борба против дискриминацијата: Правната заштита од дискриминација е клучна за унапредување на рамноправноста на ЛГБТ+ луѓето. Комисијата ќе спроведе преглед на состојбата, особено во областа на вработувањето. Извештајот за примената на Директивата за еднаквост при вработувањето ќе биде објавен до 2022 година. После извештајот, Комисијата ќе ги предложи сите законодавни акти, особено оние кои ја зајакнуваат улогата на телата за рамноправност. Комисијата ќе предложи и регулаторна рамка со која посебно ќе се настојува да се намалат ризиците од пристрасност и дискриминација својствени за системите на вештачка интелигенција.
  • Гарантирање на безбедноста: ЛГБТ+ луѓето несразмерно се изложени на злосторства од омраза, говор на омраза и насилство, а недоволното пријавување на злосторствата од омраза сѐ уште е сериозен проблем. Како би се усогласила заштитата од злосторствата од омраза и говорот на омраза против ЛГБТ+ луѓето, Комисијата во 2021 година ќе претстави иницијатива за проширување на пописот на „злосторства во ЕУ“ како би се опфатиле злосторствата од омраза и говорот на омраза насочени кон ЛГБТ+ луѓето. Освен тоа, Комисијата ќе обезбеди можности за финансирање на иницијативи насочени кон борба против злосторствата од омраза, говорот на омраза и насилството врз ЛГБТ+ луѓето.
  • Заштита на правата на виножитните семејства: Поради разликите во националните законодавства во државите-членки, семејните врски нема можеби секогаш да бидат признати кога виножитните семејства ќе ги преминат внатрешните граници на ЕУ. Комисијата ќе претстави законодавна иницијатива за заемно признавање на родителството и ќе истражи можни мерки за поддршка на заемното признавање на истополовото партнерство во државите-членки.
  • Рамноправност на ЛГБТ+ луѓето ширум светот: Во различни делови од светот ЛГБТ+ луѓето доживуваат тешки кршења и повреди на човековите права. Комисијата ќе поддржува мерки за рамноправност на ЛГБТ+ луѓето во рамките на Инструментот за соседство, развој и меѓународна соработка (NDICI), Инструментот за претпристапна помош (IPA) и Фондот за азил и миграција.

Вклучување на рамноправноста на ЛГБТ+ луѓето во политиките на ЕУ

Под раководство на комесарката за рамноправност Хелена Дали и со поддршка на работната група за еднаквост, Комисијата во сите политики и главни иницијативи на ЕУ ќе ја вклучи и борбата против дискриминацијата на која се изложени ЛГБТ+ луѓето.

Следни чекори

Се охрабруваат државите-членки да се потпираат на постоечките примери за најдобри практики и да развиваат сопствени акциски планови за рамноправност на ЛГБТ+ луѓето. Целта е подобра заштита на ЛГБТ+ луѓето од дискриминација и дополнување на дејствувањето во рамките на стратегијата со мерки за подобрување на рамноправноста на ЛГБТ+ луѓето во областите кои се во надлежност на државите-членки.

Европската комисија редовно ќе го следи спроведувањето на мерките наведени во Стратегијата и ќе претстави среднорочна евалуција во 2023 година.

Контекст

Претставената стратегија е прва стратегија на Комисијата во областа на рамноправост на ЛГБТ+ луѓето и е резултат на заложбата на претседателката фон дер Лајен за постигнување Унија на рамноправност.

Стратегијата се темели на Листата на активности за унапредување на рамноправноста на ЛГБТ+ луѓето. Поврзана е со стратегите и стратешките рамки на Европската комисија, вклучително неодамна донесениот Акциски план на ЕУ за борба против расизмот за периодот 2020-2025, стратегијата за правата на жртвите и стратегијата за родова рамноправност.

Рамноправноста и недискриминацијата се темелни вредности и фундаментални права во ЕУ, содржани во нејзините Договори и Повелбата за основните права. Во последните децении, законодавните промени, судската пракса и политичките иницијативи ги подобрија животите на многу луѓе и ни помогнаа во градењето рамноправни и отворени општества, вклучително за ЛГБТ+ луѓето. Иако постои поголема прифатеност во општеството и поддршка за еднакви права во ЕУ, тоа не секогаш резултираше со видливо подобрување на животите на ЛГБТ+ луѓето. Според наодите на Агенцијата на Европската унија за фундаментални права (FRA), 43% од ЛГБТ+ луѓето изјавиле дека се чувствувале дискриминирано во 2019 година, во споредба со 37% во 2012 година. Кризата предизвикана од пандемијата на болеста КОВИД-19 донесе нови притисоци врз најранливите групи, меѓу другите и на ЛГБТ+ луѓето.

Многу области на политики поврзани со унапредување на рамноправноста на ЛГБТ+ луѓето првенствено се во надлежност на државите-членки. Меѓутоа, ЕУ има важна улога бидејќи обезбедува политички насоки, ги координира мерките на државите-членки, ги следи спроведувањето и напредокот, обезбедува финансиска поддршка преку фондовите на ЕУ и ги промовира добрите практики меѓу државите-членки.

Извор: Европска комисија

МРЕЖИ И ПАРТНЕРИ

 
ILGA World – The International Lesbian, Gay, Bisexual, Trans and Intersex Association
ILGA-Europe
LGBTI Equal Rights Association for Western Balkans and Turkey
Национална мрежа против хомофобија и трансфобија
Skopje Pride
Microsoft
Powered by Project Galileo
WPML
Canva
The Events Calendar
 

Организација-членка на Меѓународната асоцијација на лезбијки, геј мажи, бисексуални, трансродови и интерсексуални лица, Асоцијацијата за еднакви права за ЛГБТИ луѓето во Западен Балкан и Турција и Националната мрежа против хомофобија и трансфобија

CC BY 4.0 DEED. Website Built and Maintained by Fleka
Твојата поддршка ни значи!
Направи парична донација
Донирај