Премини до содржината Премини до подножјето

Низ Европа еднаквоста напредува, и покрај интензивните напади врз ЛГБТИ луѓето во неколку земји. Според виножитната мапа и индекс на ИЛГА-Европа објавени порано месецов и се однесуваат на 2022 г., а во нив се рангираат правната и политичката ситуација со ЛГБТИ луѓето во 49 европски земји, Северна Македонија бележи назадување со пад од 31-во на 32-ро место.

Иако јавниот дискурс станува сѐ пополаризиран и понасилен, особено против трансродовите луѓе, политичката решителност за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето се испостави дека се исплати. Имено, најголем пораст на виножитната мапа бележат земји што вовеле правно признавање на родот користејќи го моделот на самоопределување и забрана за генитално сакатење на интерполовите луѓе. Унапредувањето на легислативата со вклучување на родовиот идентитет и половите карактеристики во законите против дискриминација и/или злосторства од омраза исто така влијаеше во поместувањето на одредени држави нагоре на ранг-листата.

Во Северна Македонија неколку години по ред нема напредок во позицијата и пристапот до човековите права на ЛГБТИ луѓето. Нашата држава има остварено само 29% од потребните реформи за постигнување на целосна рамноправност на ЛГБТИ луѓето, а од државите во регионот полошо од нас е рангирана единствено Бугарија со 20%. Србија, Косово и Албанија имаат по 35%, БиХ 40%, Словенија 46%, Хрватска 49%, Грција 57%, додека Црна Гора е пред останатите држави на Балканот со 61%. Најлошо котираат Романија со 18% и Турција со 4%.

Најмногу напредок имаме остварено во просторот на граѓанското општество (100%), 45% во однос на еднаквост и недискриминација, 33% во поглед на азил, 26% во областа злосторства од омраза и говор на омраза, а најлошо стоиме по прашањата на правното признавање на родот (6%) за трансродовите лица, семејството (4%) и телесниот интегритет на интерполовите лица (0%).

Според неодамнешниот извештај на ИЛГА-Европа и ЕРА, некои од главните приоритети што се посочени за Северна Македонија се: Владата повторно да ги воведе во собраниска процедура предлог-измените на Законот за матичната евиденција, со цел на трансродовите лица да им се овозможи правно признавање на родот врз основа на самоопределување; усвојување на Националниот акциски план за унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата; Владата треба да воведе дефиниција за говор на омраза во Кривичниот законик што експлицитно ги вклучува сите видови говор на омраза мотивирани од пристрасност врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет, родово изразување и полови карактеристики; со цел правилно да биде имплементиран Законот за спречување и заштита од дискриминација, голем број закони сè уште треба да бидат усогласени; од исклучителна важност е да се врати буџетот за Националната програма за заштита на населението од ХИВ/СИДА како што беше првично планирано.

МРЕЖИ И ПАРТНЕРИ

 
ILGA World – The International Lesbian, Gay, Bisexual, Trans and Intersex Association
ILGA-Europe
LGBTI Equal Rights Association for Western Balkans and Turkey
Национална мрежа против хомофобија и трансфобија
Skopje Pride
Microsoft
Powered by Project Galileo
WPML
Canva
The Events Calendar
 

Организација-членка на Меѓународната асоцијација на лезбијки, геј мажи, бисексуални, трансродови и интерсексуални лица, Асоцијацијата за еднакви права за ЛГБТИ луѓето во Западен Балкан и Турција и Националната мрежа против хомофобија и трансфобија

КВИР СКВЕР Скопје © 2024. Сите права се задржани.
Твојата поддршка ни значи!
Направи парична донација
Донирај