Премини до содржината Премини до подножјето

Со оглед на тоа што овогодишното издание на виножитната мапа на Европа (на англ. Rainbow Europe Map) открива широко распространета и скоро комплетна стагнација на човековите права на ЛГБТИ луѓето, се наоѓаме во момент кога владите можат активно да го изберат правиот пат напред, велат од водечката организација за ЛГБТИ права, ИЛГА-Европа.

Податоците објавени на 17 мај 2021 г. во рамките на европската виножитна мапа и индекс што секоја година ги подготвува ИЛГА-Европа, рангирајќи ја правната и политичката ситуација на ЛГБТИ луѓето во 49 европски земји, откриваат дека во текот на изминатите 12 месеци напредокот во ЛГБТИ правата скоро во потполност бележи застој. Но, со легислативните предлози и акциски планови што се наоѓаат на маса во некои земји, владите сега имаат можност да се погрижат виножитната мапа да изгледа многу поразлично ова време следната година.

Почнувајќи од 2009 г., секоја година на Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија, бифобија и интерсексфобија (IDAHOBIT), ИЛГА-Европа ја објавува виножитната мапа во која се рангирани 49 европски земји на скала меѓу 0% (грубо кршење на човековите права, дискриминација) и 100% (почитување на човековите права, целосна еднаквост). Во изминатите 12 месеци беше забележана година без преседан во 12-годишната историја на издавањето на мапата, со скоро ниедна позитивна законска промена за ЛГБТИ луѓето во Европа.

Меѓу останатите наоди од овогодишната европска виножитна мапа се:

  • наспроти милјеата со едвај некоја позитивна промена воопшто, земји како Албанија, Финска и Португалија се искачија на ранг-листата, но само поради некои многу мали имплементирани промени
  • и покрај јасните заложби за признавање на виножитните семејства, ниедна земја нема преминато на признавање на партнерство или родителство
  • по многу години нотирање позитивни промени за телесниот интегритет или правното признавање на родот, годинава нема промена за правата на интерсекс и трансродните луѓе, освен Исланд
  • позитивно е што некои земји (Босна и Херцеговина, Северна Македонија) сега имаат поени за слобода на здружување и собирање, што е одраз на подобрувањето на безбедноста за јавни ЛГБТИ настани

Извршната директорка на ИЛГА-Европа, Евелин Паради изјави: „Сериозно загрижувачки е да се извести за скоро комплетна стагнација во врска со правата и еднаквоста на ЛГБТИ луѓето, особено во така критично време за ЛГБТИ заедниците. Минатата година бевме сведоци на зголемена политичка репресија врз ЛГБТИ луѓето, драстичен пораст на социо-економските тешкотии и ширење на ЛГБТИ-фобична омраза на улиците и на интернет ширум регионот. Во тој контекст, одговорот на владите треба да биде повеќе и подобри конкретни активности за да се осигура дека луѓето се повеќе, а не помалку заштитени. Човековите права на ЛГБТИ луѓето едноставно не можат да бидат нешто што ќе го отпишете при отежнителни околности“.

Rainbow Europe Index 2021

Катрин Хугендубел, директорката за застапување на ИЛГА-Европа додаде: „Mногу законодавни процеси се во застој во земјите во Европа во последните 12 месеци, вклучувајќи ги тука Кипар, Чешка, Данска, Финска, Франција, Италија, Косово, Литванија, Молдавија, Црна Гора, Холандија, Шведска и Обединетото Кралство. Исто така нотираме влошување на имплементацијата на постојните процедури, на пример за правно признавање на родот, во земји како Грузија, Шпанија, Србија и Северна Ирска“.

„Лесно е вината за тоа да се префрли на пренасочувањето на политичкото внимание кон одговорот на јавното здравство на COVID-19 и економскиот пад што уследи, но реалноста е многу покомплексна. Во премногу земји напредокот е запрен поради зголемената политичка поларизација во врска со ЛГБТИ темите, бидејќи некои избрани функционери повеќе не гледаат добивка од поддржувањето на еднаквоста на ЛГБТИ луѓето и бидејќи владите не го констатираат тоа како приоритетно прашање. Навистина е потребно владите ширум Европа повторно да ги покренат нивните политички заложби за одглавување на законодавните процеси и да се овозможат услови за да се осигура нивна целосна имплементација“.

Евелин Паради заклучи: „Од сето лошо може да произлезе и нешто добро: доколку владите активно одлучат да постапат правилно и да преземат вистинска акција, нашата виножитна мапа ова време следната година може да изгледа поинаку во позитивна насока. Барем 15 земји, вклучувајќи ги Франција, Косово, Босна и Херцеговина, Чешка и Украина, веќе имаат на маса предлог-закони, акциски планови и политички дискусии. Други земји, како Црна Гора, треба да се погрижат законите што ги донеле доследно да се применуваат, додека многу повеќе земји знаат што можат и што требаат да направат за да осигураат нивните закони и политики да го имаат посакуваното влијание врз животите на ЛГБТИ луѓето“.

„Во овој историски момент кога анти-ЛГБТИ силите се во подем, не само во земјите што завршија на насловните страници како Полска и Унгарија, туку ширум Европа, на ЛГБТИ луѓето им треба сите влади да го искористат моментот и да се погрижат Европа да остане посветена и активен лидер во арената на човекови права за сите“.

Rainbow Europe Map 2021

Резиме на овогодишната виножитна мапа на Европа

Шести пат по ред, Малта успева да го задржи првото место на европската виножитна мапа, додека Белгија по четврти пат е на второто место, а Луксембург на третото место на ранг-листата трета година по ред.

Трите земји кои најниско котираат на европската виножитна мапа се Азербејџан, Турција и Ерменија, исто како и минатата година.

Втора година по ред, Полска е најниско рангирана од земјите-членки на ЕУ.

Украина падна за четири места, од 36. на 40. позиција, поради истекувањето на акцискиот план на владата, додека Грузија падна за две места, од 30. на 32. позиција, поради отсуството на јасна процедура за правно признавање на родот и ризичната ситуација во која се наоѓаат бранителите на човековите права на ЛГБТИ луѓето во земјата.

Малта, Северна Македонија и Босна и Херцеговина се трите земји со највисокиот скок во поени. Малта ги додаде половите карактеристики како заштитени основи во Законот за бегалци и објави нови насоки визави политиката за процесирање на барања за азил од ЛГБТИ луѓе, додека во Северна Македонија и во Босна и Херцеговина се подобрува слободата на здружување и собирање.

МРЕЖИ И ПАРТНЕРИ

 
ILGA World – The International Lesbian, Gay, Bisexual, Trans and Intersex Association
ILGA-Europe
LGBTI Equal Rights Association for Western Balkans and Turkey
Национална мрежа против хомофобија и трансфобија
Skopje Pride
Microsoft
Powered by Project Galileo
WPML
Canva
The Events Calendar
 

Организација-членка на Меѓународната асоцијација на лезбијки, геј мажи, бисексуални, трансродови и интерсексуални лица, Асоцијацијата за еднакви права за ЛГБТИ луѓето во Западен Балкан и Турција и Националната мрежа против хомофобија и трансфобија

CC BY 4.0 DEED. Website Built and Maintained by Fleka
Твојата поддршка ни значи!
Направи парична донација
Донирај