Премини до содржината Премини до подножјето

Повеќе од 800 германски фудбалери изразија поддршка за нивните соиграчи што можеби се борат со нивната сексуалност и се плашат да ја обзнанат истата.

До денес, ниту еден фудбалер нема направено „каминг аут“ (термин што во ЛГБТ-контекст подразбира обзнанување на сексуалната ориентација или родовиот идентитет) додека активно игра во некоја од германските професионални лиги, што претставува загрижувачки одраз на вкоренетата хомофобија во спортот.

Минатата недела, стотици играчи одлучија дека тоа треба да се промени.

„Дури и во 2021, нема да има ниту еден фудбалер што е отворено геј во германските машки професионални лиги“, се вели во изјавата од фудбалерите зад кампањата. „Стравот од напади и исклучување после правењето „каминг аут“ и од загрозувањето на кариерата како професионален фудбалер е очигледно сѐ уште толку голем што геј фудбалерите веруваат оти требаат да ја кријат нивната сексуалност“.

„Никој не треба да биде принуден да направи „каминг аут“. Тоа е лична одлука што секој треба да ја донесе самиот“, пишуваат играчите во германскиот фудбалски магазин „11Freunde“. „Сепак, сакаме сите што ќе одлучат да направат „каминг аут“ да знаат дека ја имаат нашата целосна поддршка и солидарност“.

На најновата насловна страница на магазинот се најдоа играчите од Бундеслигата Макс Крузе и Кристофер Тримел од „Унион Берлин“, како и Дедрик Бојата и Никлас Старк од „Херта Берлин“, придружени со зборовите „Можете да сметате на нас!“.

Кампањата е потпишана од комплетните состави на повеќе клубови од Бундеслигата, вклучително проминентните „Борусија Менхенгладбах“, „Борусија Дортмунд“, „Хофенхајм“, „Шалке“, „Вердер Бремен“ и „Фрајбург“.

Во нивната порака фудбалерите ветуваат дека ќе се спротивстават на каков било биготизам наметнат врз ЛГБТ+ фудбалер доколку реши да направи „каминг аут“.

„Едно од основните човекови права е да се биде отворен за својата сексуална ориентација… Им порачуваме на сите што сѐ уште размислуваат дали да направат „каминг аут“: ќе ве поддржиме и охрабруваме и, доколку е потребно, ќе се бориме против евентуалните непријатности со кои би можеле да се соочите“, ветуваат тие и додаваат: „Бидејќи тоа што го правите е исправно и ние сме на ваша страна“.

Досега само двајца фудбалери имаат направено „каминг аут“ во Германија. Првиот е Хајнц Бон кој играше во Бундеслигата меѓу 1970 и 1973 година, а неговата сексуалност беше обзнанета постхумно. Вториот е поранешната ѕвезда од „Штутгарт“ и „Астон Вила“, Томас Хицлспергер, кој обзнани дека е геј откако ја заврши кариерата. Тој твитна дека кампањата е „уште еден чекор во вистинската насока“.

„Можам да го разберам секого што не сака да се соочи со тоа“, изјави напаѓачот од „Унион Берлин“ Макс Крузе по лансирањето на кампањата. „Но доколку некој од моите соиграчи направи „каминг аут“, би го заштитил од идиотите што постојат“.

МРЕЖИ И ПАРТНЕРИ

 
ILGA World – The International Lesbian, Gay, Bisexual, Trans and Intersex Association
ILGA-Europe
LGBTI Equal Rights Association for Western Balkans and Turkey
Национална мрежа против хомофобија и трансфобија
Skopje Pride
Microsoft
Powered by Project Galileo
WPML
Canva
The Events Calendar
 

Организација-членка на Меѓународната асоцијација на лезбијки, геј мажи, бисексуални, трансродови и интерсексуални лица, Асоцијацијата за еднакви права за ЛГБТИ луѓето во Западен Балкан и Турција и Националната мрежа против хомофобија и трансфобија

CC BY 4.0 DEED. Website Built and Maintained by Fleka
Твојата поддршка ни значи!
Направи парична донација
Донирај