Премини до содржината Премини до подножјето

И покрај растечкиот притисок врз демократијата во Европа, овогодишната Виножитна мапа на ИЛГА-Европа идентификуваше исчекори во ЛГБТИ правата во повеќе земји.

Овогодишните виножитни мапа и индекс на ИЛГА-Европа, кои ја рангираат правната и политичката ситуација на ЛГБТИ луѓето во 49 европски земји, откриваат дека во изминатите 12 месеци дошло до нова динамика што ги пополнува празнините што постоеја околу ЛГБТИ правата и ги поместува стандардите, давајќи им на владите терен врз кој можат да го градат напредокот бидејќи демократијата во Европа се соочува со исклучителни предизвици.

Но, не е сѐ добра вест. Напротив, некои земји што некогаш беа лидери во поглед на ЛГБТИ правата сега бележат пад на скалата, додека други се во опасност да го следат преседанот на земјите каде што ЛГБТИ правата се инструментализираат за политички цели.

Виножитната мапа што од 2009 година се објавува секој мај, а по повод Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата, бифобијата и интерсексфобија (IDAHOBIT), ги рангираше сите 49 европски земји на скала помеѓу 0% (грубо кршење на човековите права, дискриминација) и 100% (почитување на човековите права, целосна еднаквост). Овогодишните наоди се добредојден контраст наспроти оние од мапата од 2021 година, која идентификуваше целосна стагнација на ЛГБТИ правата и еднаквоста низ Европа.

Оваа година забележуваме позитивно придвижување на виножитните мапа и индекс, особено:

  • Данска скокна седум места погоре за да го постигне второто место на рангирањето во 2022 година. Причината за скокот на Данска е тоа што таа го презема водството во пополнувањето на празнините против дискриминација во сегашното законодавство, вклучително и Законот за еднаков третман, кој ги опфаќа здравството, образованието, вработувањето, обезбедувањето добра и услуги, како и кривичниот законик кој вклучува сексуална ориентација, родов идентитет, родово изразување и полови карактеристики (SOGIESC) како отежнувачки фактори во криминалот од омраза.
  • Повеќе земји се залагаат за еднаквост, давајќи должно признавање и заштита на проживеаните реалности на луѓето. На Исланд, меѓу другото, му беа доделени поени поради нивното законодавно признавање на транс родителството, додека Германија воведе забрана за осакатување на гениталиите на интерполовите луѓе, а Франција ја забрани таканаречената „конверзивна терапија“ заснована на сексуална ориентација и родов идентитет.
  • По години застој, има позитивно законодавно движење во Грција, Латвија, Литванија, Србија, Словачка и Словенија, спротивставувајќи се на наративот дека постои поделба на Исток/Запад за ЛГБТИ правата во Европа, обезбедувајќи им на владите во овие земји силни можности за поткрепување на демократијата преку усвојување и спроведување.

Според извршната директорка на ИЛГА-Европа, Евелин Паради: „Охрабрувачки е да се види дека неколку влади активно презедоа мерки во текот на изминатите 12 месеци за да се унапреди ЛГБТИ еднаквоста, и како резултат на тоа, виножитната мапа, за промена, изгледа подобро во споредба со ова време минатата година. Соочени со анти-ЛГБТИ движења кои и понатаму се распространети ширум Европа, ја поздравуваме обновената мобилизација од сè поголем број политичари и владини претставници кои го прават она што е потребно за да се подобрат реалните состојби на ЛГБТИ луѓето. Дефинитивно е потребно повеќе за да се зајакне оваа нагорна динамика во наредната година“.

ИЛГА-Европа оваа година воведува нова категорија за телесниот интегритет на интерполовите луѓе. Со овој нов критериум, сакаме да испратиме јасна порака до владите дека заштитата на човековите права на интерполовите луѓе бара посветени напори и да ги насочиме креаторите на политики за каде тоа точно се потребни конкретни закони и политики. Овозможува и подобра проценка на работата што е во тек. Германија и Исланд се приклучија на малиот број земји кои забрануваат немедицински задолжителни интервенции врз интерполовите луѓе без нивна согласност, но досега ниту една земја, вклучително и водечката земја Малта, не ги воспоставила потребните политики за спроведување и следење што ќе овозможат целосна заштита на телесниот интегритет на интерполовите луѓе. Законодавната работа за забрана на интервенции е во тек во Австрија, Кипар, Белгија и Франција.

За жал, не се сите добри вести:

  • Обединетото Кралство претрпе значителен пад во рангирањето, преминувајќи од 10-то на 14-то место, губејќи поени бидејќи оваа година беше изнесен доказ дека телото за еднаквост не, како што е наведено во неговиот мандат, ефективно заштитува врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Ова доаѓа во време на широко распространет политички и медиумски антитранс сентимент, додека британската влада не се придвижува кон одамна ветените реформи за правно признавање на родот и забрана на таканаречената „конверзивна терапија“ за сите.
  • Во услови на пораст на официјалниот анти-ЛГБТИ сентимент во Бугарија и Романија, и двете земји сега не се далеку од најниското рангирање во ЕУ, што моментално и припаѓа на Полска. Романија губи поени поради попречувањето на слободата на собирање од страна на властите со забрана и казнување на прајд настани. Во меѓувреме, Унгарија падна за три места, главно поради тоа што нејзиниот парламент усвои голем број амандмани кои директно ги дискриминираат ЛГБТИ луѓето, вклучително и забрана за „прикажување и промовирање на родов идентитет различен од полот при раѓање, промена на полот и хомосексуалност“ за лица под 18 години.
  • Остануваат значителни празнини во однос на основната заштита од дискриминација и насилство во речиси половина од земјите. Во моментов, 20 земји од 49 сè уште немаат заштита од криминал од омраза врз основа на сексуална ориентација, додека 28 земји немаат заштита од насилство врз основа на родов идентитет.

Директорката за застапување на ИЛГА-Европа, Катрин Хугендубел рече: „И покрај новата динамика што јасно ја гледаме, ситуацијата останува кревка. Стрмоглавото запаѓање во непријателски политички дискурс, законодавна стагнација и, во некои земји, дури и повлекување на ЛГБТИ правата и слободите се загрижувачки. И додека земји како Бугарија и Романија, на пример, не беа на насловните страници, тие се движат надолу во рангирањето, сè поблиску до Полска, која е на самото дно во Европската Унија“.

„Ситуацијата во Обединетото Кралство е тажен потсетник дека кога владите не стојат цврсто на своите заложби за унапредување на правата на малцинствата, моќната опозиција може да го искористи тој простор за да шири омраза и поделба“, додаде Хугендубел.

Украина

Поради моменталната ситуација со војната во Украина, еве го нашиот преглед на ситуацијата со човековите права и легислативата за ЛГБТИ луѓето во земјата, врз основа на нашата виножитна мапа за 2022 година и придружната публикација, нашиот Годишен преглед на состојбата со човековите права на ЛГБТИ луѓето во Европа и Централна Азија (објавен во февруари 2022 година).

  • Украина се искачи за едно место на рангирањето на виножитната мапа поради отстранувањето на ограничувањата за дарување крв за мажи кои имаат секс со мажи, кои стапија на сила во јуни 2021 година, нешто повеќе од шест месеци пред почетокот на рускиот напад врз земјата. Прилогот кон виножитната мапа на ИЛГА-Европа, односно Годишниот преглед, откри дека пред актуелната војна, постоел внимателен оптимизам од ЛГБТИ активистите за патот напред, со подготвеност да се разговара за законски права од неколку политичари. По војната ова треба да ѝ обезбеди на Украина основа на која ќе изгради законска рамка која ги штити сите нејзини граѓани и општество кое ги цени ЛГБТИ луѓето како дел од нејзиниот демократски состав.

Паради изјави: „Човековите права и еднаквоста на ЛГБТИ луѓето се обележје на едно демократско општество каде што човековите права и слободи на сите граѓани целосно се почитуваат и поддржуваат. Скорашната историја нè научи дека еден од првите чекори кон ерозија на демократијата е официјалното жртвување на ЛГБТИ луѓето и поткопувањето на нивните човекови права. Ова во суштина е чин на таргетирање на ранливо малцинство за поткопување на пошироката слобода“.

„Како што со години предупредуваше ИЛГА-Европа, неодамнешните настани во Европа докажуваат дека не можеме да бидеме рамнодушни кога политичкото таргетирање на малцинствата го користат антидемократските сили. Противотров за рамнодушноста е акција. Во овој момент, императив е проактивно да ја унапредуваме еднаквоста со креирање на уште поцврсти политики и практики за да се погрижиме нашите општества да бидат навистина правични, инклузивни и со почит кон сите“, заклучи Паради.

Резиме на Виножитната мапа на Европа за 2022 година

Веќе седма година по ред, Малта продолжува да го зазема првото место на виножитната мапа, со резултат од 92%.

Со 74 поени, Данска сега го зазема второто место – ова е пораст од седум места, главно поттикнати од измените на нејзините закони за криминал од омраза и за еднаков третман.

Третото место го зазема Белгија со резултат од 72%.

Трите земји на другиот крај на скалата на виножитната мапа се Азербејџан (2%), Турција (4%) и Ерменија (8%), точно исто како и последните две години.

Обединетото Кралство е земјата со најдраматичен пад во својот резултат, губејќи 11% поени во врска со неефикасната и несистематска работа на телото за еднаквост визави сексуалната ориентација и родовиот идентитет, и акцискиот план за еднаквост што не се обновува или спроведува.

Португалија, исто така, падна за 5% поени поради истекот на акцискиот план на владата.

Данска, Исланд, Франција, Грција и Латвија се земјите со најголем скок во резултатите. Исланд го измени својот закон за деца за да дозволи родово-неутрална регистрација на родителите, чекор кој го признава транс родителството. Исланд, исто така, доби поени во однос на новата категорија на ИЛГА-Европа „телесен интегритет на интерполовите луѓе“.

Франција донесе забрана за конверзивни терапии, ги укина забраните за дарување крв и усвои закон за медицински потпомогнато оплодување. Грција, исто така, ги укина забраните за дарување крв и усвои нов акциски план за еднаквост. Латвија го измени својот кривичен законик на начин што судовите го применуваат за заштита на сексуалната ориентација како отежнувачки фактор.

Позадина

Rainbow Europe – годишната алатка за мерење на ИЛГА-Европа – ги содржи виножитните мапа и индекс и националните препораки. ИЛГА-Европа ги продуцира виножитните мапа и индекс од 2009 година, користејќи ги за да ја илустрира правната и политичката ситуација на ЛГБТИ луѓето во Европа.

Виножитните мапа и индекс рангираат 49 европски земји според нивните соодветни правни и политички практики за ЛГБТИ луѓето, од 0 до 100%.

Со цел да се создаде нашето рангирање на земјите, ИЛГА-Европа ги испитува законите и политиките во 49 земји користејќи збир на критериуми. Од мај 2022 година, бројот на користени поединечни критериуми се искачи на 74, поделени помеѓу седум тематски категории: еднаквост и недискриминација; семејство; криминал од омраза и говор на омраза; правно признавање на родот; телесен интегритет на интерполовите луѓе; простор на граѓанското општество; и азил. Повеќе информации за листата на критериуми и нивната тежина на вкупниот резултат може да најдете со клик овде.

Rainbow Europe од 2022 година, исто така, ја раскажува приказната за едно движење во развој. 14-тото издание на индексот воведува сосема нова категорија: „телесен интегритет на интерполовите луѓе“ и промени во тежината дадена на различни прашања што ги опфаќа. Пораката е јасна: за нашето движење во Европа, законите за еднаквост и недискриминација, правното признавање на родот, телесниот интегритет, заштитата од омраза и насилство, семејните права и заштитата на барателите на азил се меѓусебно поврзани и подеднакво есенцијални за целосното уживање во човековите права за ЛГБТИ луѓето.

Категорија Нова алоцирана тежина
Еднаквост и недискриминација 23%
Семејство 17,5%
Криминал од омраза и говор на омраза 19%
Правно признавање на родот 17,5%
Телесен интегритет на интерполовите луѓе 5%
Простор за граѓанското општество 9%
Азил 9%

Промените на нашите критериуми ги отежнуваат споредбите од година во година, но одредени лекции се јасни – земјите кои ги прошируваат своите законодавни хоризонти се движат нагоре во рангирањето.

Креаторите на политики, истражувачите и новинарите можат да појдат „зад“ точките и да ги видат оригиналните извори на информации на кои го базираме нашето рангирање на мапата и индексот. Овој дополнителен слој на информации е достапен преку нашиот ажуриран веб-модул на Rainbow Europe.

Виножитните мапа и индекс прикажуваат слика за тоа каков е актуелниот политички пејзаж, додека нашите препораки специфични за земјата се обидуваат да одговорат на прашањето „што е следно?“. Овие препораки имаат за цел да ги охрабрат креаторите на политиките да ги решат најитните правни и политички приоритети во рамките на нашите виножитни мапа и индекс. Препораките беа собрани по онлајн консултации со широк опсег на ЛГБТИ организации во различни земји. Како резултат на тоа, препораките се прилагодени на потребите на активист(к)ите кои работат на терен.

МРЕЖИ И ПАРТНЕРИ

 
ILGA World – The International Lesbian, Gay, Bisexual, Trans and Intersex Association
ILGA-Europe
LGBTI Equal Rights Association for Western Balkans and Turkey
Национална мрежа против хомофобија и трансфобија
Skopje Pride
Microsoft
Powered by Project Galileo
WPML
Canva
The Events Calendar
 

Организација-членка на Меѓународната асоцијација на лезбијки, геј мажи, бисексуални, трансродови и интерсексуални лица, Асоцијацијата за еднакви права за ЛГБТИ луѓето во Западен Балкан и Турција и Националната мрежа против хомофобија и трансфобија

КВИР СКВЕР Скопје © 2024. Сите права се задржани.
Твојата поддршка ни значи!
Направи парична донација
Донирај